Проф. д-р Гривчева-Старделова: Ја подобруваме дијагностиката и третманот на пациентите со болести на црн дроб

Со усвојувањето на Национална декларација за превенција, дијагностика и лекување на хепатоцелуларен карцином и отворање на центар за болести на црн дроб, кој е во завршна фаза, се постигнува организиран и системски пристап во лекувањето на болестите на црниот дроб и се влијае на подигнување на свесноста за опасноста од овие заболувања, истакна проф. д-р Калина Гривчева Старделова, директор на Клиниката за гастроентерохепатологија која беше гостин во емисијата „Магазин“ на телевизија „Сител“.

„Националната декларацијата ги обединува пациентите и лекарите, заеднички и здружено стратешки да делуваат во постигнување на заедничките цели. Ги споивме силите и како тим секојдневно работиме на откривање на пациентите кои имаат ризик фактори за развој на хепатоцелуларен карцином со што се превенира развој на болест, a преку рана дијагностика во соработка со онколозите и хирурзите се трудиме да постигнеме подобри резултати во лекувањето“, изјави проф. д-р Гривчва Старделова.

Заболувањата на црниот дроб се во постојан пораст, но пациентите се уште не ги сфаќаат сериозно овие состојби. Ризик фактори за развој на овие заболувања се прекумерното конзумирање на алкохол, гојазноста, вирусните хепатити Б и Ц. Карциномите на црниот дроб кога се во рана фаза не даваат симптоми што ја отежнува и нивната рана дијагностика.

„Уште 2008 година нашата држава се погрижи вакцината за хепатит Б да биде задолжителна во редовниот календар за имунизација кај децата, со што се превенира развој на карцином. Имаме достапна антивирусна терапија за хепатит Ц, со која за три месеци може да се постигне комплетно излекување“, истакна проф. д-р Гривчева Старделова.

Минатата недела проф. д-р Гривчева Старделова, учествуваше на меѓународен настан посветен на подигнување на свеста ракот на црниот дроб организиран од Digestive Cancers Europe, чадор – организација на пациенти со карциноми на дигестивниот систем во која членуваат здруженија од различни европски држави. Таа ги презентираше состојбите со карцином на црн дроб во нашата земја.

На настанот беше промовиран и документот со препораки за спроведувањето на најдобрите практики во превенција, дијагноза и справување со рак на црниот дроб (White paper) „Рак на црниот дроб: Нема заборавени пациенти“. Во сесијата покрај проф.д-р Гривчева-Старделова како панелисти учествуваа и претставници на реномирани лекарски асоцијации и здруженија на пациенти од повеќе европски држави, како и претставници на Европската Комисија и Европскиот парламент.

Ракот на црниот дроб е сериозен здравствен проблем со кој се соочуваат европските држави. Секоја година 87.000 европските граѓани се дијагностицирани со рак на црниот дроб, а 78.000 умираат од оваа болест. Здравствените системи трошат 4 милијарди евра секоја година за справување со овој тип на карцином.