Годинава одбележуваме 100 години од раѓањето на академик Пенчо Давчев, интернист-гастроентеролог, редовен професор на Медицинскиот факултет во Скопје, академик и основоположник на Клиниката за гастроентерохепатологија и пионер на модерната гастротерохепатологија во нашата земја. Ададемик Давчев е роден на 15 јуни 1922 година во Велес, а починал на 25 ноември 1995).

Основно и средно образование завршил во Велес, по што студирал медицина во Софија и Белград. Дипломирал на Медицинскиот факултет во Белград во 1948 година. За редовен професор на Медицинскиот факултет – Скопје бил избран во 1969 г., каде бил декан, продекан во два мандатни периода и шеф на Катедрата по интерна медицина.

Се усовршувал во клиниките за гастроентерологија во Париз, Лондон и Берлин. Под негово непосредно раководство е организирано Одделението за гастроентерологија во состав на Интерната клиника, кое подоцна прераснува во модерна Клиника за гастроентерологија и хепатологија, една од водечките во тогашната Југославија. Од воведените нови методи треба да се одбележат: интервентната трансабдоминална вирсунгографија изведувана под контрола на ехо, визуализација на жолчните патишта преку директно уфрлање на контрастно средство под контрола на ехо „real time“, техника со помош на тенка и фина игла, биопсиони техники на абдоминалните органи со сомнителни патолошки творби, ендоскопски истражувања на гастроинтестиналниот тракт, црниот дроб и перитонеумот. Притоа, основната и главна преокупација му е хепатоцелуларниот канцер и вирусниот хепатит, со што се афирмирал во југословенската медицинска научна јавност и во странство.

Бил претседател на МЛД, член на редакцискиот одбор на списанијата ММП и „Асta Medica Iugoslavica“. Основач е на Секцијата по гастроентерологија при МЛД и бил нејзин претседател повеќе од 20 години, претседател на Здружението за гастроентерологија на Југославија и организатор на повеќе конгреси и симпозиуми.

За својата успешна и мошне плодна работа, има добиено голем број признанија, меѓу кои: Орден на заслуги за народот со сребрени зраци, Орден на трудот со златен венец, Одрен на трудот со црвено знаме, повелбата „Д-р Трифун Пановски“, наградата „11 Октомври“, наградата „Климент Охридски“ и други.[1] Автор и ко- автор е на повеќе од 400 научни и стручни публикувани трудови во наши и во странски медицински списанија. Автор е на учебникот „Клиничка гастроентерологија“, на монографијата „Прирачник по ендоскопија и биопсија во гастроентерологијата“ и на „Понови погледи во третирањето на циротичниот асцит со посебен осврт на тврдокорниот облик“. Соавтор е на југословенското издание на учебник по гастроентерологија и хепатологија во 1990 година. Раководел два научни проекта во МАНУ. За дописен член на МАНУ е избран на 21 декември 1983, а за редовен член на 7 октомври 1988 г. Бил секретар на Одделението за биолошки и медицински науки на МАНУ (1992- 1995).