Годинава одбележуваме 100 години од раѓањето на академик Пенчо Давчев, интернист-гастроентеролог, редовен професор на Медицинскиот факултет во Скопје, академик и основоположник на Клиниката за гастроентерохепатологија и пионер на модерната гастротерохепатологија во нашата земја. Ададемик Давчев е роден на 15 јуни 1922 година во Велес, а починал на 25 ноември 1995).

Основно и средно образование завршил во Велес, по што студирал медицина во Софија и Белград. Дипломирал на Медицинскиот факултет во Белград во 1948 година. За редовен професор на Медицинскиот факултет – Скопје бил избран во 1969 г., каде бил декан, продекан во два мандатни периода и шеф на Катедрата по интерна медицина.

Се усовршувал во клиниките за гастроентерологија во Париз, Лондон и Берлин. Под негово непосредно раководство е организирано Одделението за гастроентерологија во состав на Интерната клиника, кое подоцна прераснува во модерна Клиника за гастроентерологија и хепатологија, една од водечките во тогашната Југославија. Од воведените нови методи треба да се одбележат: интервентната трансабдоминална вирсунгографија изведувана под контрола на ехо, визуализација на жолчните патишта преку директно уфрлање на контрастно средство под контрола на ехо „real time“, техника со помош на тенка и фина игла, биопсиони техники на абдоминалните органи со сомнителни патолошки творби, ендоскопски истражувања на гастроинтестиналниот тракт, црниот дроб и перитонеумот. Притоа, основната и главна преокупација му е хепатоцелуларниот канцер и вирусниот хепатит, со што се афирмирал во југословенската медицинска научна јавност и во странство.

Бил претседател на МЛД, член на редакцискиот одбор на списанијата ММП и „Асta Medica Iugoslavica“. Основач е на Секцијата по гастроентерологија при МЛД и бил нејзин претседател повеќе од 20 години, претседател на Здружението за гастроентерологија на Југославија и организатор на повеќе конгреси и симпозиуми.

За својата успешна и мошне плодна работа, има добиено голем број признанија, меѓу кои: Орден на заслуги за народот со сребрени зраци, Орден на трудот со златен венец, Одрен на трудот со црвено знаме, повелбата „Д-р Трифун Пановски“, наградата „11 Октомври“, наградата „Климент Охридски“ и други.[1] Автор и ко- автор е на повеќе од 400 научни и стручни публикувани трудови во наши и во странски медицински списанија. Автор е на учебникот „Клиничка гастроентерологија“, на монографијата „Прирачник по ендоскопија и биопсија во гастроентерологијата“ и на „Понови погледи во третирањето на циротичниот асцит со посебен осврт на тврдокорниот облик“. Соавтор е на југословенското издание на учебник по гастроентерологија и хепатологија во 1990 година. Раководел два научни проекта во МАНУ. За дописен член на МАНУ е избран на 21 декември 1983, а за редовен член на 7 октомври 1988 г. Бил секретар на Одделението за биолошки и медицински науки на МАНУ (1992- 1995).

Клиниката за гастроентерохепатологија со гордост објавува дека медицинската сестра Благица Тимосиевска, која долги години е дел од тимот на оваа клиника е добитник на признание за најхумана медицинска сестра, кое се доделува во рамките на одбележувањето на Неделата на медицинските сестри.

Признанието беше доделено на свечен настанот на кој присуствуваа директорката на Клиниката, проф. д-р Калина Гривчева Старделова, главната медицинска сестра Рената Младеновска како и други медицински сестри вработени на оваа клиника.

Клиниката за гастроентерохепатологија упатува честитки за добиеното признание до медицинската сестра Благица Тимосиевска, како и благодарност до целиот тим на медицински сестри кои професионално, одговорно и пожртвувано секојдневно ги извршуваат своите работни задачи.

Медицинската сестра Виолета Андоновиќ го завршува својот работен век и после долги години голем и активен придонес во работењето на Клиниката за гастроентерохепатологија заминува во пензија.  По тој повод во кругот на Клиниката беше организирана и пригодна свеченост за вработените на која официјално беше одбележан овој настан.

Медицинската сестра Андоновиќ на Клиниката за гастроентерохепатологија помина голем дел од својот работен век, каде секојдневно даваше особен придонес во лекувањето и грижата за пациентите, вклучена и во најсложените процедури и интервенции. Посебен аспект од нејзиниот ангажманот имаше едукацијата на младиот средно-медицински кадар кој се наоѓа на почетокот на својата кариера. Андоновиќ е пример за посветен работник кој со голема љубов ги извршувал своите работни обврски, пациентите ќе ја паметат по срдечниот однос, а колегите како вистински професионалец и пријател.